Започна „Ајде да играме тенис“ - Вип ТЕНИСКИ ТЕРЕНИ исполнети со спортски ентузијасти

Скопје (14.05.2016) Спортските капацитетиво склоп на СЦ Борис Трајковски веќе континуирано низ годините се препознатливо место за релаксација на голем број на граѓани од сите возрасти, кои сакаат да уживаат во спортот, без разлика дали се работи за рекреативци или пак за професионални спортисти кои се трудат спортот генерално да е дел од нивното секојдневие.

Денес, во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, во рамките на ВИП тениски терени, со почеток во 10:00 часот, се одржа првиот бесплатен и отворен час по тенис, на кој од 9-ти до 13-ти мај, сите заинтересирани лица од 6 до 18 годишна возраст, имаа шанса да се пријават и да бидат дел од истиот. Овој спортски настан насловен како „Ајде да играме тенис“, беше под водство на двајца професионални тренери по тенис, кои на присутните им покажаа и презентираа дел од основните спортски вештини на овој популарен спорт.

„На сите присутни учесници денес, кои беа формирани во групи од страна на професионалните тренери по тенис, во соодветни услови им беше овозможено подобро да се запознаат со убавините на тенисот како спорт за време на првиот отворен час, „Ајде да играме тенис“. Искусните тренери за време на оваа бесплатна професионална обука, на сите млади лица, кои се пријавија да бидат дел од овој денешен настан, воведно и со стручен пристап, им ги пренесоа и им ги споделија основните правила на тенисот. Позитивно сум изненаден од големата заинтерсираност и одзивот од страна на граѓаните, поточно од младите вљубеници во тенисот. Тие денес се покажаа како големи спортски ентузијасти и без разлика што повеќето се почетни рекреативци, тие покажаа дека се пример за сите граѓани, за тоа колку е важно вклучувањето на физичката активност во секојдневните обврски, посебно за здравјето, како на краткорочен, така и на долгорочен план. „Ајде да играме тенис“ е новитет во постоечката богата програма на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, и ние се надеваме дека истиот ќе биде мотивација за секое заинтересирано лице, да започне или да продолжи да биде физички активен, токму за време на најважниот период од развојот. Од Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ сме навистина горди што содржината на спортските капацитети е збогатена со ваков тип на активност, како дополнување на оперативниот план на спортскиот центар, за тековната 2016-та година,“ изјави Златко Перински, Директор на СЦ „Борис Трајковски“

Сите пријавени млади лица, кои беа дел од првиот бесплатен отворен час по тенис во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, имаа можност да ја искусат позитивната атмосфера и спортскиот дух кои се карактеристични за тенисот како спортска дисциплина.


Печати