Артикли
Известување во врска со тренинзите по уметничко лизгање
- Категорија: Uncategorised
- Објавено на Петок, 17 Октомври 2014 11:38
- Напишано од Super User
- Посети: 5510
Уписите во школата по уметничко лизгање траат во текот на целата година.
Тренинзите во септември и во дел од сезоната кога нема тренинзи на лизгалиште, се одвиваат на суво (кондициони тренинзи) во салите во СЦ Борис Трајковски.
Тренинзите по уметничко лизгање во сала опфаќаат вежби за општа физичка подготовка, специфични вежби за уметничко лизгање, како и вежби за совладување на основните елементи на уметничко лизгање и часови по балет.
Сите наши членови што тренираат уметничко лизгање се поделени во три групи според степенот на нивното знаење:
- Групата 1 е за новите членови и за сите кои ги совладуваат почетоците на лизгањето – школа за уметничко лизгање;
- Група 2 е наменета за совладување на основните техники на уметничкото лизгање;
- Групата 3 е составена од најнапредните членови и натпреварувачи кои ги совладуваат најсложените елементи на уметничкото лизгање.
На овој начин се обезбедува континуиран, постепен развој и специјализација која е потребна за овој сложен спорт.
Потенцираме дека секој од нашите членови има еднакви шанси за напредок и нивниот развој внимателно се следи од страна на тренерот по уметничко лизгање Ксенија Јастшењски Симиќ. За да се обезбеди континуитет во развојот на вашето дете потребно е да се доаѓа редовно на тренинзите и да му се остави доволно простор и време на вашето дете за неговиот понатамошен напредок.
Секое дете е индивидуа сама за себе и согласно талентот што го има, желбата, упорноста, трудот што го вложува за време на тренажниот процес ќе допринесе за видлив напредок за неговиот иден развој. Откако ќе се совладаат потребните вештини, вашето дете ќе биде запишано во понапредните групи каде што понатаму ќе продолжи со усовршување на сите техники и вештини кои се учат на тренинзите по уметничко лизгање.
Би сакале да потенцираме дека многу е важно вашето дете да се навикне на лизгалиштето и истото го прифати како природна средина за да се чувствува удобно, опуштено и безбедно со што ќе му биде полесно и поинтересно да ги совладува задачите и целите кои се поставени од страна на тренерот за време на секој тренинг.
Со цел да се одржи потребното ниво на концентрација кај вашите деца не треба да им се довикува додека траат тренинзите за да се овозможат подобри услови за повнимателно следење на тренингот. Воедно, само со многу љубов, труд, посветеност, трпение и упорност може да се постигнат видливи резултати.
Облека и реквизити за сув тренинг:
- Спортска облека: кратки или долги хеланки, шорцеви, маица на прерамки, со кратки или долги ракави (во зависност од надворешната температура), тренерки.
- Патики за во сала, балетанки за часови по балет.
- Гумено јаже за скокање.
- Секој што има долга коса задолжително треба да ја носи врзана за време на тренинзите.
Облека за тренинг на мраз:
- Слоевита облека (боди, ролка или маица со долги ракави, џемпер, елек или дуксер).
- Хеланки или тренерки припиени за нога (најдобро е од ликра затоа што најмалку се мократ при паѓање на мраз), дозволени се сите бои, освен бела и боја на кожа.
- Ракавици.
- Не е дозволено носење капа, трака за на глава, шал (освен ако надвор има ниски температури и во случај вашето дете има проблеми со ушите за што треба да се извести тренерот).
- Носење скафандер не се препорачува.
- Секој што има долга коса задолжително треба да ја носи врзана за време на тренинзите, за кратка коса препорачано е да се стават шноли или венче.
- Резервна облека за пресоблекување по завршување на тренингот.
Прегледот од спортска медицина е задолжителен за сите членови што се запишани на уметничко лизгање. Потврдата од спортска медицина по извршениот преглед треба да се донесе во СЦ Борис Трајковски, на увид на тренерот и истата се чува во досието на секој член. Потврдата важи 6 месеци од датумот на нејзиното издавање.
Доколку планирате да се отпишете од Клубот за хокеј и уметничко лизгање Вардар или сте спречени да ги посетувате тренинзите поради лични обврски или здравствена состојба, ве молиме да ни пратите писмено известување во врска со тоа.