Перински: Изминатата година беше иновативна и рекордна за СЦ „Борис Трајковски“

Досега се реализираа многу проекти, а постојано се прилагодува и понудата се со цел да биде подостапна за граѓаните. СЦ „Борис Трајковски“ со претставувањето на новиот менаџмент најави и новитети, кои се добредојдени за сите кои спортуваат и се рекреираат во најголемиот спортски центар во Македонија.

За најзначајните реализирани проекти, атрактивните содржини, поволностите и идните проекти, разговаравме со Златко Перински, кој веќе една година е првиот човек на СЦБТ.

Измина една година од Вашата промоција како директор на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, како ќе ја оцените?

-Изминатата година по многу нешта беше рекордна година за Спортскиот центар, но и иновативна, затоа што Спортскиот центар реализираше неколку проекти кои за прв пат се спроведуваат во Република Македонија, а се моделирани спрема потребите и можностите на граѓаните, се со цел да ги направиме нашите услуги попривлечни и подостапни за што е можно поширока популација. Сите овие проекти кои што ги реализиравме се во насока на промовирање на спортот и спортскиот начин на живот.

Кои проекти се најзначајни за Спортскиот центар и ја одблежаа изминатата година?

-Потпишавме меморандум на соработка со Драмскиот театар Скопје, со што на некој начин ги споивме спортот и културата и за прв пат реализиравме ваков тип на соработка во Македонија. Имено, корисниците на месечните услуги на Спортскиот центар со приложена фискална сметка добиваат бенефицирана цена на влезница во Драмскиот театар и обратно, посетителите на Драмскиот театар со приложена фискална сметка добиваат бенефицирана цена на членарина во Спортскиот центар за сите индивидуални содржини од нашата понуда. Ова го направивме за да ги поттикнеме сите граѓани на што повеќе спортување и водење на здрав начин на живот, што секако е една од основните цели на Спортскиот центар и притоа да имаат можност да уживаат во културата и богатиот репертоар на Драмскиот театар.

-Проектот ЈОГА ЗА ТРУДНИЦИ е исто така иновативен проект во Република Македонија, проект кој го реализираме заедно со Министерството за здравство, а е во насока на подобрување на психо-физичката состајба на трудниците во текот на целата бременост. Вежбите се комплетно адаптирани на состојбата во која се наоѓаат жените и благодарејки на Министерството за здравство, на секој час имаме присутно и медицинско лице кое дополнително ја зголемуваат сигурноста на трудниците. Грижејки се за здравјето на идните мајки преку искористување на бенефитите на вежбите, за прв пат во Македонија се реализира ваков проект и она што е најважно е тоа што часовите за трудниците се апсолутно бесплатни, иако вакви програми се хит во светот и чинат многу, ние ја нудиме оваа услуга целосно бесплатно.

-Проектот РЕКРЕАЦИЈА ПРЕД РАБОТА слободно можам да кажам дека на некој начин ја одбележи измината година и многу влијаеше во зголемувањето на рекреативци кои ги користат нашите услуги, а кои претходно немале можност да го сторат тоа. Имено, проектот опфати продолжување на работните времиња на базенот и фитнес центарот како содржини кои се најатрактивни за рекреативците во текот на целата година. Со ова, работното време на базенот наместо од 10:00-24:00 часот го продолживме од 07:00-24:00 часот и на фитнес центарот наместо од 10:00-23:00 часот го продоолживме од 07:00-23:00 часот. На овој начин придонесовме и покрај динамичното темпо на модерното живеење и немањето слободно време, граѓаните да можат денот да го започнат со спорт и полесно да се справат со работните обврски во текот на денот. Дополнително во рамките на овој проект и негова популаризација предвидовме бенефицирана цена на чланарина за базенот и фитнес центарот од само 1000 денари месечно со можност на секојдневно користење. Овој проект наиде на огромна заинтересираност од страна на граѓаните. Само како илустрација преку бројки, споредбено по години во 2014 година имавме во просек 7.000 посетители во базенот, а оваа година имаме во просек 12.000 посети на месечно ниво во базенот, а бројот на посетители во фитнес центарот е зголемен за преку 100 отсто. Овие податоци покажуваат дека овој проект е и повеќе од успешен и успеавме да наметнеме стандарт за рекреирање пред работа кој се практикува секаде во светот, но и да го зголемиме бројот на граѓани кои спортуваат што е една од основните цели на Спортскиот центар.

-Отворени два двојни тениски терени. Со проектот ИЗГРАДБА 120 ТЕНИСКИ ТЕРЕНИ на Владата на Република Македонија, преку Агенцијата за млади и спорт, Спортскиот центар ја збогати својата понуда со два двојни тениски терени и практично и да нема спорт кој не е опфатен во нашата понуда. Неколку месеци подоцна капацитетите на тениските терени се целосно исполнети.

Какви поволности понудивте за клубовите кои тренираат во Спортскиот центар „Борис Трајковски“?

-Во адаптирањето на нашата понуда секако не ги изоставивме и клубовите, но и националните федерации кои ги користат нашите услуги. Имено, цените на закуп на пливачка патека во базенот ја намаливме за 30 отсто, што ни придонесе зголемување на бројот на клубови, но и компании кои ги обезбедуваат рекреација на своите вработени за 80 проценти. Со либерализација на пазарот на струја што го овозможи Владата на Република Македонија, успеавме нашите оперативни трошоци да ги намалиме за околу 30 отсто и на овој начин да ги намалиме цените за користење на големата арена за Националните федерации, што ќе овозможи и во иднина Спортскиот центар „Борис Трајковски“, како национална арена, повторно да биде дом на најголемите национални успеси.

Сите овие политики придонесоа Спортскиот центар да ја зголеми продажбата од рекреација за 7 отсто од вкупниот приход остварен од дејност. И покрај тоа што од објективни причини екипите на РК Вардар и ЖРК Вардар не играат кај нас, изминатата година успеавме да оствариме зголемување на приходите од дејност, што е јасен показател дека се движиме во права насока и адаптирањето на нашата понуда спрема потребите на граѓаните вроди со плод.

Оваа година беше рекордна и по одржани концерти во Спортскиот центар, можете ли да ни кажете нешто повеќе околу тоа.

-Точно така, изминатата година склучивме договори со четири домашни продукции за одржување по пет концерти и со две домашни продукции за одржување на по еден коцерт, што значи дека имаме потпишани договори за двесет и два концерти во една година и со тоа е поставен рекорд и на ова поле. Дополнително имаме најава за потпишување договори за уште две културни манифестации кои треба да се реализираат оваа година со што бројот би се искачил на двесет и четири.

Како најатрактивна содржина во летниот период за граѓаните е аква паркот, како изминува оваа сезона?

-Годинешнава сезона е трета сезона по ред на работење на градскиот аква паркот и изминува во најдобар ред. Обезбедени се максимални услуви за сите посетители. Во текот на целото работење на аква паркот имаме ангажирано 36 спасители од страна на Црвениот Крст на Република Македонија, вклучувајќи и медицински персонал кој се грижи за безбедноста на посетителите и можам слободно да кажам дека се се одвива во најдобар ред. Интересот е огромен, поготово за време на викендите. Имавме и денови кога не можевме да ги примиме сите оние кои сакаа да не посетат, бидејки нашиот капацитет од безбедносни причини и удобност на посетителите е ограничен на 1.000 посетители. И овде веќе ја надминавме бројката од 30.000 посетители по сезона, што беше просек за изминатите две сезони. Досега имаме повеќе од 35.000 посетители што е своевиден рекорд, а сезоната се уште не е завршена. Нашата цел за оваа сезона е да имаме бројка на посетители поголема од 40.000 и се надеваме дека ќе успееме во тоа.

Какви проекти планирате да спроведете во иднина?

-Она што во овој момент можам да го најавам како проект кој веќе се работи и се очекува да биде готов до првата недела од октомври, е поделбата на големата арена. Овој проект е доста интересен и е по примерот на најголемите светски арени. Имено, Спортскиот центар има капацитет наместо едно централно игралиште да постави три мулти-функционални терени во рамките на големата арена, што ке овозможи тренирање на три спортови истовремено, но и ќе придонесе до драстично намалување на цените на закуп. Во таа насока, во големата арена во исто време ќе може да се тренира тенис, кошарка и ракомет и при тоа се да биде мулти функционално со можност за собирање и повторно поставување на игралиштата согласно потребите на закупецот. За прв пат во Македонија ќе имаме затворен тениски терен кој ќе биде со сертифицирана акрилна подлога од страна на светската тениска федерација и ќе ги исполнува сите стандарди за одржување на интернационални натпревари. Паралелно со тениското игралиште ќе имаме и терени за кошарка и ракомет и на овој начин се надеваме дека уште повеќе ќе го зголемиме интересот и на рекреативците и на клубовите, бидејки со ова нашата понуда Спортскиот центар ќе биде уште по достапен за сите љубители на спортот.

Сите овие новини се адаптирани спрема потребите на нашите корисници и потребите на граѓаните и се надеваме дека ќе ја приближиме нашата понуда до што е можно повеќе граѓани и ќе успееме да ги мотивираме да почнат да се занимаваат со спорт, со што ќе придонесеме да се избегнат пороците од модерното живеење. Сите наши понуди и промоции, граѓаните можат да ги видат на нашата нова веб страна www.scboristrajkovski.gov.mk и подетално да се информираат за нашата понуда. Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и во идина ќе продолжи да работи на промоција на спортот и спортскиот начин на живок, како наша главна определба, а се со цел да им овозможиме на граѓаните поквалитетни и подостапни услови за спортување.


Печати